Норвешкиот парламент едногласно ги одобрил во вторникот плановите за драстичното зголемување на буџетот за одбрана во следните дванаесет години, објави владата на оваа нордиска земја.
Плановите предвидуваат дополнителни 600 милијарди норвешки круни, односно 56,9 милијарди американски долари, во следните дванаесет години за зајакнување на норвешката армија. Парламентарните партии се договориле за зголемување од уште 11 милијарди круни, со што вкупните трошоци за војската и одбраната ќе достигнат 611 милијарди круни.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе промените изгласани во парламентот во планот за зајакнување на одбраната ги опиша како „историски“, пренесува DPA.
„Ова е важен сигнал до нашите сојузници и другите земји дека Норвешка е обединета во јакнењето на својата одбрана“, изјави вчера Сторе истакнувајќи дека првпат сите партии во парламентот го договориле планот за зајакнување на војската.
Претходно во април норвешката влада предложи купување пет нови подморници, но парламентот во вчерашниот документ додаде и набавка на уште една подморница и ракетен систем со долг дострел.
Норвешка планира да издвојува околу 3 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за војската до 2036 година, што ја надминува актуелната цел на НАТО од годишно издвојување од 2 процента од БДП-то на земјите членки. Новиот норвешки одбранбен план се очекува да биде конечно потпишан на 11-ти јуни.
Членката на НАТО, Норвешка има граница со Русија во областа на Северниот поларен круг и вели дека руската инвазија во Украина од 2022 година предизвикува стравувања за безбедноста на скандинавската земја.