Историски триумф на Македонија над Германија

Фудбалската репрезентација на Македонија забележа голем триумф на гости кај Германија а по натпреварот, селекторот Игор Ангеловски не го криеше задоволството и им честита на играчите за големиот подвиг на гостински терен и прекинување на низата од 17 последователни победи на Германците во квалифиокациите за Светското првенство.

Македонија, покрај тоа, стана првата репрезентација која ја победила Германија во квалификациските средби за светските првенства по севкупно 35 натпревари.

„Овие момци уште еднаш ја направија горда Македонија, против четирикратен светски, трикратен европски шампион. Дваесетгодишна традиција без пораз. Кој, ако не тие да ја срушат таа традиција? Тие се нашите спортски херои, тоа се нашите фудбалери кои ја кренаа нацијата на нозе, така што, Македонијо, радувај се и слави ги овие херои. Оваа победа е налик на ова ЕП. Никогаш не сме победиле репрезентација со толку титули. Среќен сум што работам со такви фудбалери, честитки до нив. Сега мора да се одмориме, не сме уште свесни што направивме. Овој триумф е за сите, но и за оние кои им го донесовме овој успех, да сфатат што правиме. Добро знаете кои се. Ако еден Јоаким Лев пријде и ти честита за петгодишната работа, тогаш се надевам дека сите ќе се свестат што направивме и каков тим е ова. Но, оваа победа е за целиот народ.“, изјави Ангеловски.

Македонската селекција во Дуизбург одигра такткички одличен натпревар, искористувајќи ги сите грешки на домашната селекција, истовремено правовремено блокирајќи ги обидите да ја развие својата препознатлива игра.

Македонија поведе во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме по одличната акција во домашниот шеснаесетник која ја круниса капитенот Горан Пандев. Во вториот дел се чини дека македонската селекција беше закината за недосуден чист пенал, но на спротивната страна од белата точка по изнудениот фаул на Сане од Алиоски, израмни во 63 минута. Домаќините пропуштија голема шанса за целосен пресврт на десет минути пред крајот преку Тимо Вернер, кој несфатливо се сплетка откако се најде сам на само неколку метри од Столе Димитриовски. Сепак, одличната претстава на Македонија во завршницата кога се очекуваше дека Германците ќе го ефектуираат притисок, беше наградена во 85 минута кога новото прецизно проигрување од Аријан Адеми го реализираше Ељиф Елмас за историската победа.

За Македонија ова беше втора победа во квалификациите за СП 2022, по онаа над Лихтенштајн на домашен терен во претходното коло.

Истовремено, станува збор за прв триумф на македонската фудбалска селекција на ривал чија репрезентација била повеќекратени светски и европски првак, и тоа извојуван на нејзин терен.