Жупанското обвинителство во Риека, Хрватска, денеска покренало обвинение против некогашниот припадник на хрватските вооружени сили, Рајко Кричковиќ, за убиство на тројца членови на српското семејство Совиљ во селото Кијане во 1995 година, во текот на воената операција „Бура“, објави весникот „Блиц“, пренесува Нетпрес.
Ова е прво обвинение на хрватското обвинителство против некој припадник на вооружените сили на оваа земја за злосторства сторени за време на „Бура“. Според информација на српската новинска агенција ТАНЈУГ, до покренување на обвинението дошло во соработка со Обвинителството за воени злосторства на Србија.
Кричковиќ се товари за воени злосторства против цивилно население. Според обвинението, тој во селото Кијане ги убил братот и сестрата Мира и Радомир, и нивната мајка Мара Совиљ.
Обвинението против Кричкович е плод на соработка на обвинителствата за воени злосторства на Србија и на Хрватска, на основ на спогодбата меѓу двете земји за отстапување на податоци и докази.