Останките на последниот руски цар Николај и на неговата сопруга се ексхумирани, а истражувачкиот комитет на Министерството за внатрешни работи најави нова истрага за убиството на семејството Романови, пишува Раша тудеј.
Портпаролот на истражувачкиот комитет Владимир Маркин најави повторно отворање на случајот поради новиот доказен материјал.
Истражувачите ќе треба да проучат архивски материјали поврзани со истрагата спроведена во периодот од 1918 до 1924 од страна на руските царски службеници. Овие документи биле пронајдени по 2011-тата заедно со уште некои други нови материјални докази.
Дополнително, по барање на Руската Православна Црква, посебна работна група за проучување и за закопување на останките на децата на последниот руски цар, синот Алексеј и ќерката Марија е формирана во јули 2015-тата, а процесот на закопување е најавен за овој месец.
Работната група ги ексхумира останките на Николај Втори и неговата сопруга и зема ДНК примероци за да го докаже идентитетот на останките за кои се тврди дека се на Алексеј и Марија и кои беа откриени во 2007-мата.
Групата има за цел да го потврди идентитетот на Алексеј и на Марија споредувајќи ги со останките на нивната тетка, сестрата на Царицата Елизавета Феодоровна и со дедото на царот, Александар Втори.
Истрагата за убиството на Романови беше отпочната во 1993-тата година со цел да се идентификуваат останките на Царот, неговата сопруга и трите ќерки, како и на нивната свита, што беа најдени во Екатетинебург во регионот на Урал. Овој случај беше затворен во 1998-мата, поради тоа што сторителите на убиството се одамна мртви.
Истрагата повтоно беше отворена во 2007-мата откако беа најдени останките на Алексеј и Марија и повторно затворена откако нивните иднетитети беа потврдени.