Истрагата за смртта на докторката Јелка Масин-Спасовска, која минатиот вторник беше пронајдена мртва во семејниот стан во скопската населба Kапиштец, сé уште не открила како и од што починала.
Обдукцискиот наод не е готов, се вршат испитувања и анализи, се вршат разговори со лица што би можеле да ѝ помогнат на истрагата, а се прегледуваат и видеoснимките од објектите во близина на зградата број 10, на улицата „Елисие Поповски Марко“, бидејќи во тој станбен комплекс не се поставени камери.
„Дури и кога обдукцискиот наод од Институтот за судска медицина ќе биде готов, тоа не значи дека веднаш ќе го добиеме одговорот дали жртвата била убиена или, пак, станува збор за самоубиство. Наодот, пред сé, ќе даде насоки во кој правец да продолжи истрагата. Во меѓувреме, се преземаат и други истражни дејства, а фокусот е ставен на видеокамерите со цел да се утврдат евентуални сомнителни влегувања и излегувања во зградата каде што живеела Спасовска“, велат за Дневник извори од истрагата.
Докторката Масин беше погребана во саботата на гробиштата во Бутел. Телото на познатиот нефролог и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, го пронајде нејзиниот сопруг Гоце, кој исто така е доктор на Kлиниката за нефрологија. Во вторникот вечерта, околу 21 часот, кога се вратил дома, ја забележал сопругата како лежи облеана во крв, со исеченици по телото и убодна рана во вратот. Kрај телото имало нож, а таа имала исеченици на вените на левата и десната така, и исеченица на левата вратна вена.
Соседите раскажуваа дека не виделе и не чуле ништо сé додека возило на Итната помош не пристигнало во нивното маало. За доктор Спасовска имаат само пофални зборови. Според нив, нејзината ќерка од првиот брак требало да се мажи за неколку недели, поради што шокот е уште поголем. Од Институтот за судска медицина во Скопје најавија разврска на случајот кон средината на неделава.