Истражување во Велика Британија: Внимавајте, луѓето кои прележале Ковид-19, можат повторно да заразат други

Луѓето кои преживеале ковид-19 најверојатно имаат имунитет кој трае најмалку пет месеци, но исто така има докази дека и луѓето со антитела можат да го носат и шират вирусот, покажа истражување на Обединетото Кралство.

Прелиминарните откритија на научниците од Државната здравствена агенција (ПХЕ) покажаа дека случаите на реинфекција (повторна инфекција) кај луѓе кои прележале ковид-19 се ретки. Од 6.614 случаи на инфекција забележани во студијата, само 44 биле повторно инфицирани. Сепак, експертите предупредуваат дека откритијата значат дека луѓето кои биле во контакт со вирусот во првиот бран на пандемијата на почетокот на 2020 година, сега може повторно да бидат подложни на инфекција. Тие исто така предупредуваат дека луѓето со таканаречен природен имунитет, кој се стекнува со инфекција со коронавирус, може да го носат вирусот САРС-Ков-2 во носот и грлото и да го пренесат на други.

– Знаеме дека повеќето од оние кои биле заразени и развиле антитела се заштитени од реинфекција, но сè уште не знаеме колку трае таа заштита – рече Сузан Хопкинс, постар советник на PHE и ко-водач на студијата.

Ова значи дека иако некој верува дека е заштитен затоа што веќе се опоравил од инфекцијата, тој може да биде сигурен дека многу веројатно нема да развие сериозни симптоми на инфекција. Но, постои ризик дека ќе заразат и ќе ја пренесат на други инфекцијата, вели Хопкинс.

Студијата наведува дека наодите не се однесуваат на антитела или други имунолошки реакции стекнати со вакцината „ковид-19“ и дека овие реакции ќе бидат испитани подоцна оваа година.

Студијата, позната како „студија СИРЕН“, била спроведена на десетици илјади здравствени работници во Велика Британија, кои биле редовно тестирани за присуство на инфекција со ковид-19 и антитела од јуни минатата година.

Помеѓу јуни и ноември, истражувачите откриле 44 случаи на потенцијална реинфекција – од кои два биле „веројатни“ и 42 „можни“ – од 6.614 учесници кои имале антитела, што укажува на тоа дека стапката на заштита од реинфекција е 83 проценти. Научниците планираат да продолжат да ги следат испитаниците за да видат дали некои имаат природно стекнат имунитет повеќе од пет месеци. Сепак, тие предупредуваат дека раните откритија од втората фаза на истражувањето сугерираат дека некои луѓе со природен имунитет сепак можат да носат високо ниво на вирус и да го пренесат на други.„Затоа, потребно е сите да продолжат да ги следат правилата и да останат дома, иако веќе ја надминаа инфекцијата со коронавирус“, се вели во студијата.