Италија ќе го штеди гасот со намалување на температурата во домовите и помало време на греење

Италијанските власти планираат оваа зима да го намали затоплувањето во домовите и деловните простории за да се намали потрошувачката на гасот и ризиците поврзани со целосниот прекин на испораките на рускиот гас од кој Италија како и Европската унија сакаат да се откажат.

Пред почетокот на војната во Украина, Италија 40 отсто од гасот го увезуваше од Русија, но набрзо се сврте кон барањето алтернативни правци на снабдување и само во мала мера да се потпира на рускиот гас.

Според планот на владата во Рим објавен во вторникот, температурата во станбените и другите јавни згради ќе биде ограничена на 19 Целзиусови степени, што е за степен пониско од претходно. Во индустриските простории температурата ќе се регулира на 17 степени, а греењето ќе биде секојдневно вклучено по еден час пократко отколку досега.

Владата е во преговори со индустриското лоби Confindustria со коешто планира да договори натамошно намалување на потрошувачката на гасот на доброволна основа.

Италија се надева дека ваквите ограничувања ќе ја намалат потрошувачката за околу 3,2 милијарди кубни метри гас во периодот од август до март секоја година.

Истовремено, италијанските власти имаат намера да ја намалат потрошувачката на дополнителни 2,1 милијарди кубни метри, така што за производството на електричната енергија ќе користи алтернативни извори. Истовремено поединците и компаниите ќе ги поттикнува да ја намалат потрошувачката, што значи дека вкупната побарувачка на енергенси би можела да падне за 15 отсто, во согласност со пошироките планови на Европската унија.

До почетокот на септември Италија ги наполнила своите складишта на гас до 83 отсто од капацитетите, за да создаде резерви пред почетокот на постудените месеци, се наведува во документот.