Сите седум патници во хеликоптерот кој се урна во Апенините на северот на Италија се загинати, соопштија локалните власти во саботата обновувајќи ги податоците за несреќата.
Претходно во саботата претпладнето гувернерот на регионот Тоскана, Еугенио Џани изјави дека пет лица смртно настрадале, а оти и два патника и натаму се водат како исчезната.
Спасувачките тимови го лоцирале исчезнатиот хеликоптер на границата меѓу регионите Емилија-Ромања и Тоскана по речиси цели два дена потрага. Добиле дојава од планинар кој забележал делови од хеликоптерот.
„Го имавме координатите и долетавме до местото на несреќата, сѐ е изгорено“, вели припадник на италијанското воено воздухопловство во видеото кое ги објави војската на Twitter.
Останките од леталото се наоѓале во тешко достапна област, и спасувачите морале пешки да дојдат до нив, додава војникот.
Хеликоптерот од тосканското гратче Луче полетал во четвртокот кон северниот италијански град Тревизо. Од радарите исчезнал над ридеста и шумска област, каде бил зафатен од невреме.
Во хеликоптерот имало седум лица, меѓу кои четворица турски претприемачи од компанијата „Eczacibasi Consumer Products“, филијала на големата турска индустриска група „Eczacibasi“. Тие се враќале од саем кој се одржувал во Италија, се наведува во соопштението на компанијата.
Според либанската државна новинска агенција NNA, другите два патника биле либански државјани.