Италијанските медиуми пишуваат за натпреварот меѓу Италија и Македонија, кој ќе се игра во рамки на баражот за Светското првенство 2022 година во Катар, а најновата вест доаѓа од римскиот дневен весник La Republicca кој тврди дека дуелот кој ќе го даде финалистот во баражот за мундијалот може да биде одигран на неутрален терен.
Предвидено е оваа средба да се игра на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо, меѓутоа регионот има свои строги рестрикции поради коронавирусот. Италијанските власти признаваат засега само вакцинирани, а весникот наведува дека постои можност македонските фудбалери да се вакцинирани со руската вакцина против коронавирусот „Спутник V“, вакцина која државата не ја признава или воопшто да не се вакцинирани.
Ова може да забрани влез за некои од македонските фудбалери во Палермо, па натпреварот да биде испратен на неутрален терен. Како најригорозна варијанта се споменува „исклучување на Македонија од баражот од страна на ФИФА“.
Дуелот меѓу Италија и Македонија е предвиден да се игра на 24-ти март.