Италија: Насилството врз цивилите во Појасот Газа „веќе не може да се оправда“

Италијанските власти во понеделникот објавија дека нападите на Израел врз палестинските цивили во енклавата Појасот Газа повеќе не се оправдани, што е една од најострите критики на Рим за воената кампања на Израел досега.

„Ситуацијата се влошува. Палестинскиот народ е притиснат, а правата на невините мажи, жени и деца кои немаат никаква врска со Хамас не се земени предвид и тоа повеќе не може да се оправда. Со очај ја набљудуваме ситуацијата“, изјави министерот за одбрана Гвидо Крозето. за телевизијата SkyTG24.

Најмалку 35 Палестинци загинаа, а десетици се ранети во најновите израелски воздушни напади врз градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа. Израел тврди дека нападот бил насочен кон база на Хамас, иако главниот воен обвинител го нарече „многу сериозен“ и рече дека војската жали за какви и да се последици за цивилите.

Крозето рече дека Италија начелно се согласува со одговорот на Израел на нападот на милитантите на Хамас на 7-ми октомври врз заедниците во јужен Израел, но додаде дека мора да се направи разлика меѓу исламистичката група и палестинскиот народ.

Во саботата, италијанската премиерка Џорџа Мелони и министерот за надворешни работи Антонио Тајани се сретнаа со палестинскиот премиер Мохамад Мустафа во Рим, повторувајќи ја својата поддршка за прекинот на огнот и го повикаа Хамас да ги ослободи израелските заложници.

Италија во неколку наврати изјави дека Израел има право да се брани од Хамас. Минатата седмица официјаелн Рим порача дека одлуката на обвинителите на Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) да побараат налог за апсење на израелските водачи под сомнение за воени злосторства е „неприфатлива“.