Италија предупреди на голем хакерски напад

Илјадници компјутерски оператори во Италија и ширум светот се цел на хакерски напад ransomware, објави во неделата италијанската Национална агенција за кибернетичка безбедност (АCN), предупредувајќи ги компаниите и институциите да преземат мерки за да ги заштитат своите системи.

Хакерскиот напад се обидел да ја искористи ранливоста на софтверот, изјавил генералниот директор на ACN, Роберто Балдони за агенцијата Reuters.

Италијанската новинска агенција ANSA, повикувајќи се исто така на ACN, извести дека серверите биле компромитирани во други европски земји меѓу кои Франција и Финска, како и во САД и Канада во Северна Америка.

Десетици италијански организации и институции веројатно биле погодени, а бројни други се предупредени да преземат мерки за да се избегне паѓањето на нивните системи.

Корисниците на операторот „Telecoma Italia“ пријавиле проблеми со интернетот претходно во неделата, но се верува дека овие два проблема не се меѓусебно поврзани.