Италија се засили со Бразилец за плејофот против Македонија во битка за пласман на СП

Жоао Педро ќе биде четвртиот Бразилец во селекцијата на Италија која досега ги натурализираа Жоргињо, Емерсон Палмери и Рафаел Толои, а конечно ФИФА му даде зелено светло за настапи за италијанската репрезентација, затоа што имаше настапи за младинските селекции на Бразил во минатото.

Фудбалерот на Кањари уште од 2014 година има италијански пасош, но дури сега откако Роберто Манчини посака да го има во националниот дрес, поминати се официјално сите бирократски формалности за светската организација да го смени спортскиот пасош.

Македонија гостува во Палермо на 24 март кај Италија во полуфиналниот меч од плејоф-групата, а победникот на 29 март ќе гостува во Португалија или Турција во завршната битка за пласман на Мундијалот годинава, кој ќе се игра од 21 ноември до 18 декември.