Италија многу веројатно нема да ја обнови соработката со Кина преку иницијативата Појас и пат (BRI), којашто истекува на почетокот од 2024 година, но потребно ѝ е уште време да го дискутира тоа прашање со Пекинг, изјавил во четвртокот висок владини функционер во Рим.
Високиот функционер упатен во прашањето кој сакал да остане анонимен изјавил за Reuters дека официјалната одлука за тоа нема да биде донесена пред самитот на групата седум водечки економии Г7 во Јапонија подоцна во мај, напоменувајќи дека станува збор за чувствителна тема. Кабинетот на италијанската премиерка Џорџа Мелони одбил за агенцијата да ги коментира овие изјави.
Италија во 2019 година стана првата и досега единствена земја до групата Г7 којашто се приклучи на исклучително амбициозната кинеска програма Појас и пат, којашто ја нарекуваат и втор Пат на свилата, за коишто критичарите на Западот тврдат дека ќе ѝ овозможат на Кина преземање на контрола над чувствителните технологии и виталната инфраструктура.
Тогашниот италијански премиер Џузепе Коинте се надеваше дека договорот ќе ѝ помогне на италијанската економија којашто заостануваше зад најбогатите земји во светот, но се проценува дека изминатите четири години немала многу полза од споменатата програма.
Италијанскиот извоз во Кина минатата година изнесувал 16,4 милијарди евра во споредба со 13 милијарди евра во 2019-та. Од друга страна, пак, кинескиот извоз во Италија пораснал лани на 57.5 милијарди евра од 31,7 милијарди евра во 2019 година.
Главните италијански партнери во еврозоната Франција и Германија минатата година значително повеќе извезувале во Кина, и покрај тоа што не се дел од иницијативата Појас и пат. Функционерот во Рим рекол дека владата ќе го искористи тој недостиг од економски развој како аргумент за необновувањето на договорот.
Споменатиот договор истекува во март 2024 година и автоматски би бил обновен, освен доколку некоја од страните не ја извести другата дека се повлекува од него, со писмено предупредување од најмалку три месеци пред истекување.
Премиерката Мелони минатата 2022 година, пред да победи на септемвриските избори, јасно назначи дека не ја одобрува одлуката на нејзиниот претходник на должноста Конте.
„Не постои политичка волја од моја страна да му одам во прилог на кинеското ширење во Италија или во Кина“, рече тогаш Мелони.