Во време на строгите хигиенски мерки во услови на пандемија од коронавирусот, Италијанците се досетија како и натаму да уживаат во својот омилен деликатес, а римски продавач на сладолед демонстрираше како ќе ги услужува клиентите.
Римјанецот Паоло Костантини носи заштитна кацига со пластичен визир, пластични ракавици и маска, и користи долги пластични „клешти“ со кои низ дупка во преграда од плексиглас ги зема топките сладолед.
„Можете да го заборавите она што беше пред коронавирусот, моравме повторно да ја измислуваме својата дејност“, вели овој наградуван произведувач на сладолед.
Пред неговиот дуќан „Il Gelatone“, од кој се гледа римската историско-туристичка знаменитост Колосеумот, е поставен и апарат со дезинфициенс за раце.
На купувачите на влезот со термален скенер им се мери температурата, а на подот се поставени црно-жолти линии кои им укажуваат на растојанието коешто мора да го почитуваат.
Италија се гордее со својата традиција во приготвувањето на сладоледот. Во вообичаените времиња, штом времето ќе затопли, Италијанците ги окупираат „џелатериите“. Но сега тоа помалку наликува како одење в болница.
„Се обидуваме да се заштитиме себеси, персоналот и клиентите, колку што можеме повеќе“, вели Костантини.
Италијанците од понеделникот добија малку слобода. Дел од мерките против пандемијата се укината, па сега може да вежбаат на отворено. Кафулињата, бистроата, рестораните и слаткарниците с отворени за подготовка на храна и деликатеси, но „за носење“.
Угостителските дуќани покрај заштитните мерки, како пластичните прегради меѓу масите, ќе може да отворат дури во јуни. За многумина Италијанци тоа е рамно на катастрофа, бидејќи гастрономијата е крвотокот на италијанската економија.
Се проценува дека економскит загуби поради карантинот до јуни би можело да изнесуваат 34 милијарди евра. Дотогаш би можело да бидат затворени 50.000 фирми, а 350.000 луѓе да останат без работа.