Италијанска UniCredit купи удел во германска Commerzbank

Италијанската банкарска групација UniCredit од германската држава купи дел од Commerzbank за нешто повеќе од 700 милиони евра, објави во средата германската влада.

Минатата седмица германската држава објави дека има намера постепено да го намалува сопственичкиот удел во Commerzbank. Во средата објавија дека продале 4,49 отсто од акциите на UniCredit за околу 702 милиони евра.

Италијанците беа подготвени да платат повеќе од она што вредеа акциите на берзата во вторникот вечерта, се вели во соопштението на германската финансиска агенција. Целиот пакет акции беше продаден на UniCredit бидејќи нивната понуда „значително ги надмина“ сите останати.

Продажната цена беше 13,20 евра за акција и беше за шест центи повисока од затворањето на берзата во вторникот.

Со продажба на нешто повеќе од 53 милиони акции, уделот на германската влада во Commerzbank беше намален на 12 отсто. Така државата ја задржа позицијата на најголем акционер во Commerzbank, додека UniCredit го зазеде третото место. На второ место, со удел од околу седум отсто, е американскиот финансиски гигант Blackrock, кој поседува акции преку различни фондови.

Италијанската банка потврди во соопштението дека „стекнала сопственички удел еквивалентен на околу девет отсто од акционерскиот капитал на Commerzbank.

UniCredit влезе на германскиот пазар пред околу 20 години со купување на Hypovereinsbank за околу 15 милијарди евра. На крајот на 2009 година, HVB го промени своето име во акционерско друштво UniCredit Bank, а кон средината на декември минатата година го промени и правниот статус во друштво со ограничена одговорност.