Италијански министер поднесе оставка поради услуги на неговата поранешна љубовница

Италијанскиот министер за култура Џенаро Санџулијано поднесе оставка во петокот поради контроверзноста околу советничката улога на неговата поранешна љубовница, што претставува удар за владата на премиерката Џорџа Мелони.

Санџулијано, 62-годишен поранешен новинар, се соочи со медиумска хајка откако самопрогласената модна претприемачка Марија Росарија Боча минатиот месец објави дека е назначена за „советник на министерот за големи настани“.

Министерството за култура првично негираше такво назначување, но Санџулијано подоцна објасни дека се согласил да ја вработи како неплатен консултант пред да се премисли поради судир на интереси.

„Сметам дека е неопходно за институцијата и за мене да поднесам оставка“, напиша Санџулијано во своето писмо до премиерката упатено во петокот, бранејќи ја неговата постапка и негирајќи какво и да е прекршување на министерските правила.

Во емотивното ТВ интервју во средата, Санџулијано призна дека Боча била негова љубовница, извинувајќи им се на сопругата и на Мелони и додаде дека премиерката ја одбила неговата прва понуда да поднесе оставка.

Случајот доминираше нао насловните страници и привлече споредби со минатите сексуални и политички скандали, вклучително и злогласните ноќни забави „бунга бунга“ организирани од починатиот поранешен италијански премиер Силвио Берлускони.

Мелони брзо го именуваше Алесандро Џули, шеф на римскиот музеј за современа уметност MAXXI, за нов министер за култура кој ќе положи заклетва подоцна во петок.

Ова е првата министерска смена во нејзината десничарска влада, која функционира солидно во последните две години, со висок рејтинг и соочена со поделена опозиција.