
Дарио Хартвиг, слаткар од италијанската област Пиемонт, креираше панетони со кристали Сваровски за претстојните божикни празници, објавија италијанските медиуми.
Колачот обложен со златна фолија и украсен со кристали чини 900 евра за килограм. Кристали го красат и пакувањето на овој традиционален божикен колач во Италија.
Во понудата е и панетоне обложено со сребрена фолија – за 300 евра.
Ова не е првпат Хартвиг да одушевува со своите ексклузивни креации. Тој еднаш направил панетоне со вистински дијаманти во вредност од 300.000 евра за руски муштерија.
Неколку години подоцна, индиски клиент нарачал божикна торта украсена со дијамантска нараквица и дијадема за 700.000 евра. Ваквите креации се прават само по нарачка, а дијамантите ги доставува купувачот, вели Хартвиг.
Панетоне (колач направен од тесто со квасец со бадеми, суво грозје и кандирано овошје) и пандоро (ѕвездест колач направен од путер со шеќер во прав) се јадат во многу семејства од почетокот на декември до новогодишната ноќ – или за појадок со шолја капучино или како десерт после вечерата со чаша пенливо вино.