Реномираниот италијански спортски весник Corriere dello Sport се најде под ударот на остри критики поради насловот „Црн петок“ во најавата на дерби дуелот во Серија А во петок меѓу Интер и Рома.
Весникот под насловот „Црне петок“ објавува фотографија на црнокожите фудбалери на Интер и Рома, Белгиецот Ромелу Лукаку и Англичанецот Крис Смајлинг, а многумина тоа го доживеале како расизам.
Од Рома наведоа дека споменатиот наслов е „ужасен“, а од Интер на социјалните мрежи објавија дека „таквото незнаење за расизмот е потполно неприфатливо“. Реагираше и менаџерот на Лукаку, Федерико Пасторлео, кој рече дека „како Италијанец бил посрамен поради ваквиот наслов“.
Уредништвото на Corriere dello Sport веднаш реагираше на својата веб-страница, бранејќи се дека не постоела никаква намера за расистичко навредување.
„Бели, црни, жолти. Да се негира секоја разлика е типична грешка на расизмот на антирасизмот. Црниот петок беше начин да се слави различноста. Доколку тоа не го разбирате, тогаш тоа е затоа што не можете или не сакате да разберете“, се наведува во воведникот на весникот.
Минатата седмица сите дваесет клубови во Срија А признаа дека имаат проблеми со расизмот на своите натпревари, и на терените и на трибините.