Италијански Суперкуп: Наполи преку Фиорентина до финалето

Фудбалерите на Наполи, актуелниот шампион во Серија А, се пласираа во финалето на италијанскиот Суперкуп откако во Ријад во четвртокот вечерта ја совладаа Фиорентина со 3:0.

Наполи поведе во 22. минута со голот на Џовани Симеоне, додека Фиорентина не успеа да израмни во самата завршница од првото полувреме. Тогаш Иконе изведе пенал, но неговиот удар мина над противничкиот гол.

Цело второ полувреме Наполи ја чуваше минималната предност, а потоа во финишот го реши дуелот преку 24-годишниот Алесио Зербин. Најпрвин одлично се снајде во 84. минута и по еден корнер од непосредна близина ја турна топката во мрежата за 2:0, додека две минути подоцна одлично го заврши контранападот и упати прецизен удар во спротивниот агол од врвот на шеснаесетникот за конечните 3:0.

Интер и Лацио во петок ќе го одиграат вториот полуфинален натпревар, а воедно Интер е бранител на титулата откако лани го совлада Милан со убедливи 3:0.

Финалето е закажано за понеделник.