Италијанскиот напаѓач Моисе Кин мина од Јувентус во Фиорентина

Италијанскиот 23-годишен напаѓач Моисе Кин се пресели од Јувентус во Фиорентина, потврдија во вторникот двата клуба. Кин потпиша петгодишен договор со Фиорентина до крајот на јуни 2029 година, а италијанската агенција Ansa наведува дека вредноста на трансферот е 13 милиони евра.

Кин помина низ фудбалската школа на Јувентус, но во август 2019 година се пресели во англискиот Евертон. По една сезона, Евертон го испрати на позајмица во Пари Сен Жермен, каде што исто така мина една сезона, пред да се врати во Торино. Играше за Јувентус две години како позајмен играч, за минатата година да биде откупен од клубот во кој дојде како 10-годишно момче.

Дебитираше во Серија А како 16-годишник, а набргу потоа го одигра првиот натпревар во Лигата на шампионите. Јувентус го испрати на позајмица во Верона во 2017 година, а во 2019 година го продаде на Евертон.

Играјќи во Серија А, Кин постигна 22 гола на 114 натпревари. Најефикасен беше во француската Лига 1, каде постигна 13 голови на 26 натпревари, а најмалку голови – само два, постигна на 32 настапи во англиската Премиер лига.

Во своето соопштение за медиумите, Јувентус истакна дека сразмерно на минутите поминати на теренот, единствен играч на Јувентус со подобра статистика за голови е полскиот напаѓач Аркадиуш Милик.

„Сега тој започнува ново поглавје во својата приказна, и тоа несомнено ќе биде важен чекор напред во неговата кариера. Среќно, Моисе“, изјавија од Јувентус.

Во своето соопштение Фиорентина истакна дека Кин и покрај неговата млада возраст веќе има освоено три италијански „скудета“, два Купа на Италија, еден Куп на Франција и еден италијански Суперкуп.

Кин забележа и 15 настапи за сениорската италијанска репрезентација на кои постигна четири гола.