Италија ќе се брани, Уругвај ќе напаѓа

Вниманието на фудбалската јавност денеска ќе биде насочено кон Натал, каде ќе биде одигран дерби дуелот во групата „Д”, пресметката помеѓу директните ривали за втората позиција, репрезентациите на Италија и Уругвај.

Моментално, за нијанса поблиску до следната рунда се репрезентативците на Италија кои ќе бидат пресреќни доколку дуелот против „светлосините” заврши и без победник. Репрезентацијата на Уругвај нема друга опција на располагање освен да слави во дуелот против „азурите”, а како и на претходниот натпревар, така и на овој, најголема опасност пред голот на Џанлуиџи Буфон сигурно ќе биде бомбардерот на Ливерпул, Луис Суарез.

„Јас и понатаму останувам на ставот дека нема потреба од никаква паника, нема место за паника. Ништо не е загубено, се уште сме во добра позиција за пласман во следната рунда. Едно е сигурно, Италија не може да одигра два лоши натпревара по ред. Убеден сум дека ќе одиграме многу подобро против Уругвај. Последниот противник нема само еден добар фудбалер. Нема што да им кажам на моите фудбалери, знаат што треба да направат, како да одиграат”, изјави пред натпреварот предводникот на „азурите”, Чезаре Прандели.