Италијанецот Алесандро Сандрини, кој речиси три години беше во заложништво во Сирија, е ослободен, објави во средата кабинетот на италијанскиот премиер.
Италијанската разузнавачка служба, полицијата и министерството за надворешни работи заеднички биле ангажирани во напорите за ослободување на 33-годишниот Алесандро Сандрини од градот Бреша, на северот од Италија.
Сандрини во октомври 2016 година летал за Турција во туристичка посета, но притоа исчезнал. Една година подоцна му се јавил на своето семејство и рекол дека бил грабнат на улица во Адана, на југот од Турција.
Неговите грабнувачи објавија две видоеснимки, од кои втората е поставена на интернет во јули 2018 година. Во портокалова облака, вообичаена за заложниците на џихадистичката група Исламска држава, Сандрини меѓу двајца мажи вооружени со автоматски пушки вели: „Велат дека сум им здодеал и дека ќе бидам убиен, доколку брзо не се реши… “ и ја моли Италија да се договори со грабнувачите.
Сандрини е вториот италијански заложник во Сирија кој е ослободен во последните два месеца. Првиот беше бизнисменот Серџо Заноти, исто така, од Бреша, кој беше грабнат во април 2016 година.