Италијанската министерка Могерини во официјална посета на Македонија

Процесот на проширување на Европската унија, како еден од главните приоритети на италијанското претседателство, во контекст на поддршката на Италија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, се очекува да биде во фокусот на разговорите со италијанската министерка за надворешни работи Федерика Могерини, која денеска ќе престојува во официјална посета на земјава.

Покрај средбата со својот домаќин, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, министерката Могерини ќе се сретне и со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Никола Груевски и со вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими, соопшти македонското Министерство за надворешни работи.

Покрај политичките релации меѓу двете земји, на средбите ќе бидат опфатени можностите за продлабочување на економските односи, како и билатералната соработка во останатите сегменти на општественото живеење.

За време на посетата предвидено е и потпишување на билатералниот договор меѓу  Република Македонија и Република Италија за социјална сигурност.

Италија го презеде претседавањето со Европската унија на 1 јули.