Владата мора да обезбеди итна финансиска помош за угостителската дејност, во спротивно може да следи отпуштања на околу 30 илјади вработени во дејноста. Ситуацијата во стопанството, особено од угостителската дејност, е толку лоша, што ако власта брзо не интервенира може да се случи илјадници граѓани да останат без извор на егзистенција.
Ова особено ќе дојде до израз по одлуката на Влада за затворање на угостителските објекти, како дел од рестриктивните мерки за справување со ширењето на корона вирусот. Од туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори бара итна финансиска помош за овој сектор. Според проценките на Комората, без основни приходи ќе останат околу 30 илјади граѓани кои работат во овој сектор.
„Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но, во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката затворањето ќе останат без било какви приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места“, вели Мартин Анѓеловски од Туристичко-угостителската комора.
Од Комората посочуваат дека овој сектор е еден од најзасегнатите од кризата предизвикана од пандемијата и оти граѓаните кои работат во овој сектор тонат во долгови.
Помош од државата бараат и текстилците. И вработените во текстилната индустрија се по доста загрозени поради пандемијата и поради тоа очекуваат и бараат итна финансиска помош од владата за да можат да ги задржат своите вработени.
Имено од вчера над 3.500, односно половина од штипските текстилни работници кои се вработени во околу 70 конфекции се на колективен одмор.
Претставникот на Текстилниот кластер од Штип, Кирил Нашков вели дека компаниите се одлучиле да ги испратат работниците на одмор, поради неизвесноста и недонесувањето на петтиот пакет на мерки, но и локдаунот во Европа, со што нивните партнери засега не склучуваат нови нарачки.
– Каква ќе биде иднината понатаму ќе мора да почекаме. Се надеваме дека вработените ќе ги вратиме назад на работа. Ако остане ваква црна сликата, моја претпоставка е дека дел од вработените воопшто и нема да бидат повикани да се вратат на работа, вели Нашков.
Тој посочува дека државната помош од петтиот пакет на мерки не е за спас на фирмите, туку за спас на работните места во реалниот сектор, кој се соочува со низа на проблеми и неизвесност поради пандемијата.
Поради вака неповолната ситуација во македонското стопанство, неопходна и итна е потребата од државна помош која владата мора да ја обезбеди што поскоро, пред да биде предоцна и пред илјадници семејства да останат без извор на егзистенција.