Ива Митева од „Има таков народ“ избрана за претседател на бугарскиот парламент

Бугарското Национално собрание (парламентот) со мнозинство од 137 гласа „за“ во средата за претседател ја избра адвокатката Ива Митева од партијата „Има таков народ“, која беше претседател и во претходниот состав на парламентот.

Митева беше избрана и со гласовите на Движењето за права и слободи (ДПС), додека ГЕРБ и БСП беа воздржани.

За кандидатот на БСП за претседател на Националното собрание, Кристијан Вигенин, гласаа 35 пратеници, што е всушност бројот на мандатите на нивната пратеничка група.

Во својот прв говор новоизбраната претседателка на 46. Народно собрание му посака успех и среќа на новиот бугарски парламент.

Лидерот на ГЕРБ и поранешен премиер, Бојко Борисов, вчера објави дека неговата партија нема да номинира кандидат за претседател на Националното собрание, туку само заменик претседателката Росица Кирова, која до пред неколку месеци беше активист на „Има таков народ“ од Видин, но беше исклучена од партијата поради средба со тогашниот бугарски премиер Борисов за време на неговата посета на регионот.