Иванка Трамп, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека смета дека е „сосема непристојно“ тоа што новинар ја запрашал дали им верува на жените коишто нејзиниот татко го обвиниле за сексуално вознемирување.
„Мислам дека такво прашање не би им поставиле на многу други ќерки“, изјави Иванка Трамп во интервјуто за американската телевизиска мрежа NBC News.
Повеќе жени во текот на изборната кампања во 2016 година го обвинија Доналд Трамп дека ги допирал или бакнувал без нивна дозвола. Трамп ги отфрли решително сите нивни обвинувања.
„Му верувам на мојот татко, го познавам. И сметам дека како ќерка можам да му верувам“, изјавила Иванка во интервјуто во неделата по затворањето на Зимските олимписки игри во Пјоенгчанг, а кое беше објавено во понеделникот.
„Ми се чини сосема непристојно да се постави на ќерка прашање дали им верува на жените кои го обвинуваат нејзиниот татко, кога децидно реков дека во тие изјави нема вистина“, додава.
Во текот на изборната кампања Трамп се закани дека ќе тужи неколку жени кои го обвинија за сексуално вознемирување, но тоа никогаш не го стори. Како што ни тие не поднесоа тужби против него, ниту беше поведена истрага, туку останаа на медиумските изјави.