Денеска во Охрид денеска започна петтата по ред Школа за млади лидери.
Како воведни предавачи денеска беа поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ, сенаторот во Парламентот на Канада Доналд Мередит, заменик-претседателот на телекомуникациската компанија ЗТЕ задолжен за Европа Ксиао Минг и професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Зоран Илиевски.
Овогодинешната Школа ја отвори основачот, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
-Живееме во свет, кој е многу повеќе поврзан и зависен од кога било во историјата на човештвото и чуствува глобални предизвици. За животот во таков век потребни се и лидери, кои ќе знаат да излезат во пресрет на сите предизвици што ги носи новото време, рече претседателот Иванов.
Главна тема на годинешната школа, како што посочи претседателот Иванов, е процесот на носење одлуки, односно како да се донесе вистинска одлука, затоа што ќе не препознаваат по одлуките што ќе ги носиме и по нив ќе не разликуваат од другите.
-Целта на школата е да создаде луѓе кои ќе растат во височина, кои ќе достигнуваат највисоки критериуми, кои ќе бидат најдобри во своите области. Затоа што не ни требаат само лидери во политиката, ни требаат и луѓе кои што знаат да водат и во бизнисот, и во образованието, и во спортот и во културата, во секоја сфера од секојдневниот живот. Ни требаат млади луѓе кои ќе имаат самодоверба, и ќе знаат да носат одлуки. Да знаат кога се носат одлуки, и каде се носат одлуки и со кои се носат одлуки, рече претседателот Иванов.
Едни од прашањата кои штотреба де се постават, како што истакна Тадиќ, е што е со европската перспектива за нашиот регион, што е со замореноста од проширувањето, што е со Европа и лидерството во Европа, ова се прашања кои треба да се постават
-Денес мора да си го поставиме прашањето, како можеме да си ги решиме нашите проблеми. Проблемите во Македонија, Србија, Албанија, односно во земјите кои уште не се членки на Европската унија. Без силно лидерство, посветеност, визија, енергија и без трпение не би можеле да решаваме таков вид проблеми и не би можеле да бидеме успешни во изнаоѓањето на решенијата за предизвиците со кои се соочуваме. Не можеме да го постигнеме тоа самостојно, бидејќи сме меѓусебно поврзани со други земји и други култури, подвлече Тадиќ.
Сенаторот во Парламентот на Канада, Доналд Дејв Мередит му се заблагодари на претседателот Иванов за организацијата и можноста што им ја дава на младите за подобрување на менаџерските и лидерски компетенции.
-Тие ќе бидат лидерите на иднината. Претседателе би ви се заблагодарил за вашата визија и желба да оставите трајно наследство, да ги одгледувате и градите младите лидери за идните генерации, рече Мередит, кој втор пат учествува на Школата за млади лидери.