Се очекува претседателот Ѓорге Иванов во текот на денешниот ден да се изјасни во однос на иницијативата од група интелектуалци за негова кандидатура за уште еден претседателски мандат, објави МИА повикувајќи се на информации од Кабинетот на претседателот Иванов.
Иницијативата, потпишана од над 50-тина интелектуалци, доктори, академици, свештени лица од повеќе религиозни заедници и од спортисти, е поднесена до ВМРО ДПМНЕ кои објавија јавен апел за пријавување за избор за претседателски кандидати.
Генералниот секретар на партијата, Емил Димитриев вчера истакна дека и покрај иницијативата Иванов, според деловникот на Конвенцијата, ќе мора лично да се произнесе дали сака да влезе во трката за втор мандат.
„Согласно деловникот на Конвенцијата господинот Иванов ќе мора лично да се произнесе и нели да се кандидира на Конвенцијата. Значи ова е инцијатива, но ќе мора лично произнесување од господинот Иванов“, истакна Димитриев на вчерашната прес конференција.
Претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ ќе се избира на Конвенција закажана за први март. Покрај инциијативата за Иванов до партијата е доставена и кандидатурата на професорот Јове Кекеновски.
На Конвенцијата, секој од кандидатите ќе добие простор за презентација, а потоа ќе биде спроведено тајно и неспоредно гласање.
„Според предложениот Деловник за работа на Конвенцијата, ќе се спроведе тајно, демократско и непосредно гласање на делегатите. За избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на Република Македонија ќе биде оној кој во првиот круг на гласање добил најмногу гласови, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број на гласови во првиот круг на гласање, ќе се спроведе и втор круг помеѓу двајца кандидати кои добиле најголем број на гласови во првиот круг од гласањето“, објасни Димитриев.
Претседателските избори се закажани за 13 април, а предизборната кампања стартува на 24-ти март.