ВИДЕО: Громогласен аплауз доби Иванов за својот државнички говор во Обединетите нации

Македонскиот претседател Иванов во своето денешно обраќање на 73. сесија на Генералната дебата во Генералното собрание на Обединетите нации испрати искрени пораки коишто предизвикаа аплауз од страна на присутните.

Во својот говор, Иванов им се обрати на земјите членки на Обединетите нации, на кои им порача дека само поддржувајќи фер пристап, ќе покажат лидерство и споделена одговорност. Во пораката упатена до граѓаните на Република Македонија, македонскиот претседател упати порака и до државите коишто ја признале Република Македонија по уставното имe.

Покажете ја својата сувереност со тоа што ќе останете доследни на сопствените принципиелни одлуки што сте ги донеле без притисоци. Помогнете ни со тоа што ќе бидете чувари на нашето право на самоопределување, чувајќи го со тоа и вашето право на самоопределување, рече тој.

Тој потенцираше дека грчкото и македонското општество треба да научат како заеднички да живеат и покрај нивните најдлабоки разлики додавајќи дека затоа е потребен вистински, траен и одржлив договор, дијалог наместо монолог, аргументирано убедување, наместо присилно наметнување, взаемно почитување, наместо негирање.

Отсекогаш сум се залагал и суштински сум придонесувал за градење на вистинско и трајно партнерство меѓу Република Македонија и Грција и пријателство и доверба меѓу македонското и грчкото општество. Но, ако единствениот начин да се задоволат ирационалните барања на грчката страна е со наметнати мерки кон македонската страна, она што добиваме се односи без доверба. Овој договор не ги приближува, туку ги оддалечува македонскиот и грчкиот народ, рече Иванов.

https://www.youtube.com/watch?v=x6LID_ZoRWk