
На 13 април, граѓаните на Македонија ни потврдија дека водиме исправни политики во Македонија. На 13 април, граѓаните кажаа што е најбитно во нивниот живот. Покажаа дека го почитуваат сето она што е направено за Македонија. Дека ги почитуваат делата, дека го почитуваат просперитетот, го почитуваат економскиот успех на Македонија. Ги почитуваат оние кои оставаат зад себе нешто што е конкретно, нешто што е од корист за сите граѓани на Република Македонија. Граѓаните покажаа дека ги почитуваат оние што работат за општо добро– оние што работат за Република Македонија.
Ова го истакна Ѓорге Иванов, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија, на митингот во Карпош.
-Знаете дека стојам зад стратешките политики на Македонија. Знаете дека ги поддржувам политиките на Владата, кои носат подобар живот за сите граѓани на Република Македонија. Знаете дека ги поддржувам сите политики што ви овозможуваат поквалитетен живот, подобар живот. Има ли поквалитетна соработка меѓу институциите. Има ли можност да се покаже нешто повеќе, освен плодна соработка. Kога институциите соработуваат, тогаш се видливи и резултатите. Тоа е начинот на работа, кога се работи тимски. И претседателот и премиерот, и министрите и градоначалниците, и пратениците и советниците. Кога се работи тимски тогаш граѓаните знаат да ја препознаат разликата. Тогаш граѓаните знаат дека сето тоа е за подобра иднина на Македонија. Дека сето тоа се прави да имаме поквалитетен живот за сите нас. Затоа видливи се резултатите и затоа правите разлика.
Македонија е веќе препознатлива во светот на инвеститорите, рече Иванов. Во Македонија се отвораат слободни економски зони. Се создаваат услови за бизнис, за странски инвестиции. Тоа се успешни политики на Македонија.
Македонија денес е почитувана членка на меѓународната заедница. Пресудата на Меѓународниот суд во Хаг го потврди тоа што го водиме како политика на Република Македонија. Покажа дека водиме исправна политика. Затоа Македонија е целосно подготвена да биде членка на НАТО и членка на Европската унија. Петте позитивни извештаи, петте препораки, за почеток на преговорите, кажуваат дека работевме вредно, дека работевме да се остварат стратешките цели на Република Македонија. Успеавме да обезбедиме и визна либерализација за нашите граѓани. Успеавме да ги зацврстиме стратешките партнерства, но и да создаваме нови. Да обезбедиме нови пазари за македонските производи. Нови можности за македонските компании. Успеавме да започнеме со изградба на стратешка инфраструктура. Автопатишта се градат низ Македонија. Се модернизира пругата. Во Македонија се инвестира за иднината на Македонија. За да привлечеме што повеќе странски инвестиции, да овозможиме домашните инвеститори да вложуваат и да отвораат нови работни места.
Иванов истакна дека сето тоа е постигнато во услови на голема економска светска криза.
-Под такви услови Македонија покажува дека може да создава економија која има раст. А кога расте економијата, се расте во државата. Растат и пензиите, растат и субвенциите, растат и стипендиите, но растат и платите на вработените. Токму тоа го препознаа граѓаните на 13 април. Одговорот го дадоа граѓаните. Има многу уште да се работи. Многу зафати се пред нас. Многу предизвици стојат пред нас. Но кога сме заедно, кога соработуваме, кога сме единствени, тогаш и другите не почитуваат. Така се гради Македонија. Се гради Македонија со соработка. Секоја соработка носи успех. И затоа мора сите институции во државата да соработуваат. На 27 април, ги имаме едни од најважните избори. Најважните избори за Република Македонија. Од тие избори ќе зависи како ќе изгледа Македонија во иднина. Од тие избори ќе зависи каква Македонија ќе оставиме на нашите деца.
Тој ги повика граѓаните масовно да излезат и да гласаат.
-Да гласате за себе, да гласате за вашите семејства, да гласате за Република Македонија. Да гласате за тимот кој победува. Да гласате за тимот кој носи резултати и економски просперитет и успех. Ве повикувам да гласате масовно. Да го дадете вашиот глас за подобра, поквалитетна Македонија, европска Македонија. Затоа посакувам волјата на граѓаните на тие избори, да биде волја која ќе го трасира нашиот пат, како ќе ја градиме Македонија. Волјата на граѓаните е конечна волја. Таа кажува на кого се дава довербата. Ние досега покажавме дека довербата што ја имавме не ја изневеривме. Работевме да ги оствариме стратешките цели на Република Македонија. На 27 април вие одлучувате. Ве повикувам да гласате и да го направиме вистинскиот избор. Заедно со вас да продолжиме да ја градиме Македонија.