![iri-anketa-ivanov](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/07/iri-anketa-ivanov.jpg?resize=540%2C300&ssl=1)
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од утре ќе престојува во работна посета на Република Полска, по повод учеството на 25. Економски форум, што ќе се одржи во Круница – Здруј.
Како што информираат од Кабинетот на претседателот Иванов, во рамки на форумот, претседателот ќе се обрати на сесијата насловена како „Кон флексибилна Европа: Стратегии за иднината“, и на Форумот на млади лидери на сесијата „Лидери на утрешнината – Какви лидери ѝ се потребни на Европа во 21 век“.
Во фокусот на годинешниот Економски форум е економската и политичката ситуација во Европа и во светот, енергетската безбедност и иновациите.
![Во фокусот на годинешниот Економски форум е економската и политичката ситуација во Европа и во светот, енергетската безбедност и иновациите.](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/09/ekonomski-forum-polska.jpg?resize=640%2C441)
За време на посетата предвидено е претседателот Иванов да оствари средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.
Економскиот форум кој оваа година се одржува по 25. пат, претставува најголема и најреномирана конференција во Централна и Источна Европа со фокус на економијата и политиката во овој дел од континентот. Целта на оваа иницијатива е да се создаде поволна клима за развој на политичката и економската соработка во Европа.
Во македонската делегација предводена од претседателот Иванов е и министерот без ресор, Фуркан Чако, кој пред полските бизнисмени ќе ги презентира поволностите и можностите за инвестирање во Република Македонија.