Претседателот Ѓорге Иванов доцна синоќа, на маргините на третиот годишен состанок на Центарот за глобален дијалог и соработка во Виена, имаше неформална средба со претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо, на која го повторил ставот дека блокадата на Македонија во однос на почетокот на преговорите со ЕУ предолго трае, а статус-кво состојбата е фрустрирачка.
Стартот на преговорите, дециден бил Иванов, позитивно ќе влијае на реформските процеси и на општата состојба во регионот, јави известувачот на МИА.
„Никој буквално не губи ништо доколку Македонија ги почне преговорите, напротив, користа е повеќестрана“, посочил шефот на државата, нагласувајќи ја можноста за паралелно движење на интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики како модел што може да се искористи.
Претседателот Иванов на интерес на соговорникот информирал за процесот што се води во ОН за надминување на разликата околу името.
Во текот на разговорот, Баросо ја потврдил заложбата на ЕК за продолжување на политиката на проширување со земјите од Западен Балкан. Станало збор и за состојбите во регионот.
Претседателот Иванов вчера, веднаш по отворањето на состанокот на Центарот, прв се обрати пред учесниците, а завчера, во рамки на работната посета на Виена, имаше работна средба со австрискиот колега Хајнц Фишер.