Иванов информирал лидери на земји од ЕУ за инцидентот на јужната граница

Претседателот Ѓорге Иванов, во согласност со заклучокот од последната седница на Советот за безбедности денеска телефонски разговорал со претседатели и премиери од земјите-членки на Европската унија и земјите на балканскиот коридор, со претседателот на Европскиот совет и со претседавачот на Европскиот совет, за актуелната мигрантска криза и инцидентот што се случи пред три дена на јужната гранична линија.

Кабинетот информира дека Иванов телефонски разговорал со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, со министерот за надворешни работи на Холандија и претседавач со Европскиот совет, Берт Коендерс, со претседателите на Србија и Хрватска, Томислав Николиќ и Колинда Грабар-Китаровиќ и со премиерите на Словенија, Чешка, Австрија и Полска – Миро Церар, Бохуслав Соботка, Вернер Фајман и Беата Шидло.

– Претседателот Иванов ги запозна соговорниците со случувањата на јужната граница и деталите за инцидентот од 14 март 2016 година, обидот за влез на неконтролиран број мигранти и странски државјани на територијата на Република Македонија и ја истакна загриженоста од можноста за повторување на слични инциденти. Информираше за навремената, успешна и одговорна реакција на македонските безбедносни сили, без употреба на сила. Македонскиот претседател побара итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Република Македонија и рече дека балканскиот коридор за илегални премини е затворен, соопшти Кабинетот на Иванов.

Шефот на државата во разговорите порачал дека Македонија ќе ги преземе сите мерки и активности за заштита на државните граници и за зачувување на националната безбедноста, а македонските безбедносни институции, како и досега, ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза, притоа имајќи ја предвид обврската за хуман третман на бегалците.

Информирал дека земјата и во иднина ќе постапува во согласност со одлуките на Европскиот совет, ќе ги следи постапките на другите земји долж балканскиот коридор и нема да дозволи илегален влез на мигранти во Република Македонија. Иванов искажал голема благодарност до земјите што имаат свои полициски сили на јужната гранична линија, особено до оние кои учествуваа во надминувањето на инцидентот.

Кабинетот соопшти дека сите соговорници го осудиле инцидетот од 14 март и истакнале дека такви инциденти не смеат да се повторат, а изразиле почит и поддршка за начинот на кој Македонија се справува со мигрантската криза.

Во телефонските разговори претседателот Иванов побарал политичка поддршка од Европската унија, логистичка помош од Европската комисија за институциите на системот за управување со криза за да се намалат безбедносните ризици и да се заштити границата, одговор и реализација на нашите барања за добивање на опрема за заштита на границата и опрема за регистрација на мигранти и побарал пристап до збирките на податоци на телата на Унијата за размена на податоци за мигрантите со земјите кои не се членки на ЕУ на транзитниот коридор.

– Соговорниците се согласија дека ваквата пракса на комуникација и координација во пресрет на состаноците на Европскиот совет, но и по потреба, мора да продолжи и во иднина, затоа што Република Македонија е рамноправен партнер што настојува да се изнајде единствен европски одговор на мигрантската криза, соопшти Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.