![gorge-ivanov.jpg500](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/02/gorge-ivanov.jpg500.jpg?resize=400%2C250&ssl=1)
По пет години на претседателската функција поранешниот професор повторно влегува во изборна кампања. Најголеми адути му се огромниот процент граѓани што сметаат дека е чесен политичар, цврстата позиција за таканаречените идентитетски прашања и принципиелниот остар став кон сите што не ги почитуваат македонскиот јазик и нација.
Во интервју за „Република“, Иванов не сака да одговори на нападите од најголемиот политички противник Стево Пендаровски, кој остро го нападна откако беше избран на конгресот на СДСМ. Делата нека говорат за него, малку како на шега вели Иванов. Ги почитува сите противкандидати, но уверен е дека постојаното критикување од страна без да се сработи ништо, скапата кампања на „Фејсбук“, договорот со Ахмети и додворувањето кон странците и кон Црвенковски не може да доведат никого до претседателската позиција.
„Успеавме да го зголемиме меѓународниот углед на Република Македонија. На концептот на затвореност и исклучивост му го спротивставивме концептот на отвореност кон сите во надворешната политика. Пресудата на Меѓународниот суд на правдата и петте последователни препораки од Европската комисија за почеток на пристапните преговори доволно говорат за исправноста и за издржаноста на нашата политика. Водев многу активна надворешна политика на отвореност кон сите, ги јакневме старите и создававме нови пријателства. Многу внимание и енергија вложивме во отворањето нови перспективи за нашата економија, нови пазари и нови можности, привлекување странски инвеститори, обезбедување енергетска иднина, нешта што ќе го подигнат животниот стандард и ќе отворат нови работи места. Многу време посветивме на младите, на будење на претприемачкиот дух, подобрување на условите за квалитетно образование, научно-истражувачка дејност, лидерски вештини“, вели претседателот Иванов во интервју за „Република“.