![ivanovq](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/01/ivanovq.jpg?resize=400%2C250&ssl=1)
Македонскиот претседател Ѓорге Иванов од денеска престојува во дводневна официјална посета на Република Албанија која ја започнува со средба со својот албански колега Бујар Нишани.
По тет-а тет средбата со Нишани, Иванов ќе се сретне и со албанскиот премиер Еди Рама и со претседателот на албанскиот Парламент Илир Мета. Во агендата за денеска се предвидени средби и со градоначалникот на Тирана Љуљзим Баша и со поглаварот на Албанската православна црква Анастасиј Јунулатос.
На вториот ден од престојот во Албанија Иванов треба да има средба со поранешниот албански претседател Бамир Топи по што е најавена посета на македонската заедница во Општина Пустец. Тоа ќе биде прва посета на Пустец на највисоко државно ниво од страна на претседател од Македонија.
Иванов, кој е во втора официјална посета на Тирана, е придружуван од сопругата Маја Иванова. Во состав на македонската делегација е и министерот за одбрана Зоран Јолевски.