Во програмата на Ѓорѓе Иванов еден од столбовите е поддршката на институциите, општините и стопанството, за создавање нови работни места.
Тој ги поддржуваше и ќе ги поддржува иницијативите и проектите за вработување на младите и самовработување.
На вечерашниот митинг во Битола посочи дека највисоко на агендата ќе продолжи да му биде економската дипломатија. Каде и да оди, ќе продолжи да работи на привлекување странски инвестиции во Македонија. Еднакво е важно унапредувањето на домашната патна и енергетска инфраструктура.
„Донесени се речиси 2 милијарди евра странски инвестиции. Исплатени се половина милијарда евра субвенции за земјоделците. Пелагонија е најголемиот производител на храна. Тоа е работа за многу земјоделци и агро-комбинати. Највидлив резултат се отворањето нови работни места. Досега се создадени околу 120.000 нови работни места. Успешноста на политиката во развиениот свет денес се мери со бројот на отворени работни места и со видливи економски резултати. Резултати какви што Македонија покажува. Тие работни места ги создава македонската економија со сопствените сили, државата со правната регулатива и со услови за водење бизнис и со странски инвеститори. Странските инвеститори стекнаа целосна доверба во нашата држава. Денес тие се нашите најголеми промотори во светот на бизнисот. И вие битолчани се уверивте во тоа. Оваа влада ја отвори индустриската зона „Жабени“. Фабриката Кромберг и Шуберт почна да работи во октомври 2013 година и во моментот работат околу 1000 лица. Годинава ќе има уште 500 нови вработувања, а до година уште 1000! Кромберг и Шуберт во Битола произведува за автомобилски брендови во Европа како што се Фолксваген, BМW, Ауди, Мерцедес. Во Жабени веќе се гради и друга фабрика, а издадени се и неколку нови градежни дозволи за фабрики“, истакна Иванов.
Како претседател, рече, работев и ќе работам на отворање нови можности за македонската економија, нови пазари за македонските производи, нови партнерства за македонските стопанственици. Ќе продолжам да ја промовирам македонската економија, македонските можности и поволности.
Новите работни места ја движат нашата економија напред. Македонија мора да понуди поголеми можности за оние што вредно работат и што се подготвени да го користат својот труд, своите вештини и таленти за да ја обезбедат сегашноста и иднината на своите семејства.