Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, како покровител на проектот „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)” утре – 2 октомври 2014 година, четврток, ќе присуствува на спортско-културната манифестација во општината Маврово – Ростуше.
Целта на проектот е да се промовира Спортски Бон-Тон како модел на интегрирање на децата од школска возраст во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавaњe со нивните традиции, култури и обичаи. Проектот „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)“ се реализира преку спортско-културни манифестации во општините Велес, Карпош, Маврово-Ростуше, Ново Село, Охрид и во Свети Николе.
Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)“ беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.