ИВАНОВ КОНТРА ВЛАСТА: И досега објавувате незаконски во Службен весник, што ве спречува сега

По низата критики упатени кон претседтелот Ѓорѓе Иванов за неговото одбивање да потпише вкупно 20 закони усвоени од Собранието од неговиот кабинетот со реакција.

Од претседателскиот кабинет велат Собранието никој не го спречува да го повтори веќе направениот преседан.

„Противуставно и на незаконски начин, без потпис од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорѓе Иванов, во Службен весник веќе беа објавени укази за прогласување на закони донесени од Собранието. Оттука, никој не го спречува Собранието да го повтори веќе направениот преседан“, се вели во реакцијата од Кабинетот на претседателот Иванов.

Преседанот што го споменуваат од кај Иванов се однесува на објавата на Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците и Договорот од Преспа за промена на името во јануари годинава без истите да бидат потпишани од шефот на државата. Власта се одлучи да го испрати Законот за јазиците до Службен весник за објава без потписот на Иванов откако тој една година одбиваше да го потпише иако беше изгласан од пратениците и по вторпат. За Договорот од Преспа, лично премиерот Зоран Заев тврдеше, дека за негово објавување во Службен весник не е потребен потписот на претседателот Иванов.

Од СДСМ денеска го обвинија претседателот дека е кочничар на реформите.

„Со непотпишувањето на Указите за рефомските закони, меѓу кои Законот за оперативно техничката агенција и за електронски комуникации, Ѓорге Иванов се потврди како кочничар на реформите и противник на професионалнилизација на безбедносните служби. Освен овие закони, Иванов одбива да го потпише и Указот на Законот за заштита од дискриминација. Со тоа, Иванов се потврдува како промотор на дискриминацијата и противник на професионална Државна комисија за заштита од дискриминација.Како што го започна така и го завршува мандатот. Иванов е против реформскиот процес, Иванов е против концептот фер општество кое штити од секаков облик на дискриминација. И во последните денови од мандатот, Иванов останува доследен во своето делување спротивно на интересите на граѓаните и државата“, вели пратеничката на СДСМ, Јагода Шахпаска.

Последните пет вратени закони претседателот на Собранието, Талат Џафери ги стави на дневен ред утре. Во изјава за „Независен весник“, Џафери вели ако Иванов одбие да ги потпише законите и по второто гласање, за нивно објавување ќе се чека потписот од новиот претседател. Првиот круг од гласањето за избор на претседател на државата ќе се одржи на 21 април, а вториот на петти мај.