Време е да ги користиме вистинските зборови за да ги опишеме состојбите. Република Македонија е жртва на неодлучноста на Европскиот Совет, на одлуките на некои кои не мислеле на последиците од нивните одлуки. Во голема мера денешните состојби се резултат на предолгото држење на Македонија во чекалната. Не барам алиби за состојбите и кај нас има вина, потенцира претседателот Ѓорге Иванов на сесијата „Балканска шаховска табла: Дали влогот е целосна и слободна Европа“, што заврши доцна синоќа, во рамки на безбедносниот форум што се одржува во Братислава, а меѓу главните теми беше и Република Македонија.
Иванов, јави известувачот на МИА од Братислава, потсети дека Република Македонија има добиено шест позитивни препораки за членство во ЕУ, а со 16 Акциски планови за членство во НАТО, како што рече, македонската е најпроверена Армија во историјата на човештвото.
– Во услови на криза и вакви состојби мора да има друг начин на носење одлуки. Има недостаток на солидарност во поглед на поддршка за интеграција во Регионот, има и недостаток на соработка и доверба меѓу безбедносните служби во Регионот. Целата доверба што се градеше со години поради несоработката на Косово, но и на други 17 служби е разнишана, рече меѓу другото Иванов.
Во таа насока, тој потсети дека минатиот септември во Советот за безбедност на Генералното собрание на ОН, побара на Балканот да се создаде центар за антитероризам, затоа што земјите членки во НАТО и во ЕУ од Балканот, подвлече, имаат информации и соработуваат. – Ние земјите што сме надвор од НАТО и од ЕУ немаме доверба меѓу себе, не ги разменуваме информациите и не знаеме како да се спротивставиме на тоа што ни се заканува, истакна Иванов.
Во геополитичка смисла, според Иванов, не смее да постои вакум. Ако ЕУ и НАТО, посочи, не го пополнат вакумот на Балканот, тоа ќе го направи некој друг.
НАТО и ЕУ ја немаат завршено работата на Балканот. Чекалната е најнеупотребливото место. Безбедноста на Балканот не треба да се зема како готова работа. Може да се повтори минатото. Потребни се похрабри пораки и појасна перспектива од ЕУ за Балканот.
Ова е заедничкиот заклучок на претседателите на Македонија и на Хрватска, Ѓорге Иванов и Колинда Грабар, министерот за надворешни работи на Унгарија Петер Сијарто и поранешниот еврокомесар за проширување Штефан Фуле по сесијата „Балканска шаховска табла: Дали влогот е целосна и слободна Европа“.
Според министерот Сијарто направена е голема грешка за Република Македонија со тоа што не се започнати пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ.
– Шест години ја држиме во чекалната, имаме проблем со кредибилитет, не го почитуваме и адресираме прогресот на Република Македонија, истакна министерот Сијарто.