Знаеме каде одиме, знаеме што сакаме. Денес, кога се наоѓам меѓу два мандата, јас не земам здив, туку земам залет.Ова денеска го истакна претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, на претставувањето на неговата програма за претстојните претседателски избори.
Доколку ја добијам повторно довербата ќе ве повикам сите вас, сите граѓани, стопанственици, претставници на цивилното општество, културата, науката, спортот, со заедничка енергија побргу да ги оствариме програмските цели што го обединуваат целото македонско општество:
Европа во Македонија и Македонија во Европа;
Држава и економија кои создаваат нови работни места;
Македонија, дом во кој се гради благосостојба за сите.
Тајната на остварувањето на овие цели е во соработката. Со Владата, со стопанствениците, градоначалниците, цивилното општество, претставниците на медиумите, професорите, научниците, спортистите, волонтерите. Со секој сегмент од нашето општество, во Република Македонија и во иселена Македонија, изјави Иванов.
Претседателот истакна дека од првиот ден на неговиот мандат го промовира принципот на отвореност кон сите во надворешната политика.
„Силата на Македонија е во нејзината отвореност и поврзаност. Водиме автентична македонска политика која дава резултати. Ги негуваме старите и создаваме нови пријателства и партнерства. Македонија е земја-кандидат за членство во Европската унија и НАТО, и е подготвена за економска соработка со новите растечки економии во светот. Како претседател, ќе продолжам со политиката на отвореност на глобално, европско и регионално ниво. На блокадите од нашиот јужен сосед ќе одговориме со отвореноста и со подготвеност за дијалог. Притоа се водиме од државните интереси и универзалните принципи на меѓународното право,“ истакна тој.
На патот кон остварувањето на стратегиските цели, додаде Иванов, Република Македонија се потпира на силата на аргументите, на меѓународното право, човековите права и правото на човечко достоинство. Како земја-членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, ќе направиме сè за унапредување на состојбата со почитувањето на овие универзални вредности и принципи дома, во регионот и во светот.
„Како претседател ќе продолжам со напорите за интегрирање на Република Македонија во Европската унија и НАТО. Петте позитивни извештаи и петте препораки од Европската комисија за отпочнување преговори за членство во Европската унија доволно говорат дека остварувањето на нашата стратегиска цел ни е на дофат. Нема да чекаме некој друг да ни ја заврши работата. Македонија е одговорна држава, која сериозно ги сфаќа своите обврски на евроинтеграцискиот пат,“ вели Иванов.
Претседателот истакна дека натаму ќе ги прифаќа конструктивните совети од партнерите, истакнувајќи дека никој не знае подобро од нас што е најдобро за нас. Способни сме и решени сме додека се движиме кон членството во Европската унија, рече Иванов, сами да ја создаваме Европската унија во Македонија.