Иванов во честитката му посакува успех на Трамп во извршувањето на одговорната функција.
– Република Македонија придава исклучително значење на стратегиското партнерство со САД, а заложбата за негово натамошно зацврстување претставува посебен интерес за Македонија и за нејзините граѓани. Вие застанувате на чело на Вашата држава во време на безбедносни бури, глобални предизвици и непоредок. Овие предизвици неминовно се рефлектираат и на државите од регионот на Југоисточна Европа, вклучително и Република Македонија, вели Иванов во честитката.
Во нашите 25 години независност и сувереност, како што се наведува, Македонија долго време се соочува со неправедна и непринципиелна блокада на нашиот европски и евроатлантски пат.
– И како што на светот му треба поредок, така нам ни треба консолидирање на мирот, поголема стабилност, безбедност и демократија во регионот. За постигнување на овие цели потребна е интеграција на Македонија и целиот регион во НАТО и во Европската Унија, но и почитување на меѓународното право. За постигнување на овие цели посебно значајна е поддршката од САД, стои во честитката.
Иванов изразува уверување дека САД под лидерство на Трамп, ќе помогнат во исполнување на овие највисоки стратешки цели.
– Уверен сум дека во периодот што следи нашето стратегиско партнерство ќе биде унапредено и збогатено, за што уште еднаш Ви ја искажувам нашата целосна подготвеност. Сакам да Ве уверам дека Република Македонија, како докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот, се вели во честитката на претседателот Иванов.