Иванов: На регионот му се потребни партнерство и доверба

Претседателот Ѓорге Иванов денеска изјави дека вистинскиот збор што му е најпотребен на регионот во полето на безбедноста е партнерство што се постигнува со градење доверба заради веродостојни податоци, заеднички операции и заштита на информацијата.

Тој на отворањето на состанокот на директорите на Агенциите за разузнавање од земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони во Скопје истакна и дека иднината на регионот е во Европската Унија, но од некои земји членки има мешани пораки за замор од проширувањето.

Според Иванов, како што наведоа од неговиот кабинет, тој замор е резултат на перцепцијата за Балканот како периферија на Европа, како регион што е инхерентно нестабилен. Иванов смета дека за да се промени таквата перцепција, земјите од регионот мора наместо реактивни, да бидат проактивни, а заканите со кои се соочуваат бараат креативност, партнерство и неконвенционално размислување.

Тој порача дека не треба да се заборави оти најважната лекција од мигрантската кризае дека најголемата сила е соработката меѓу земјите. Колку е цврст Балканот, според него, толку е цврста Европската Унија.

Агенцијата за разузнавање на Република Македонија организираше средба на шефови на безбедносни и разузнавачки служби во Скопје, во рамките на процесот Брдо-Бриони.

Како што стои во соопштението од Агенцијата за разузнавање, претставниците на службите биле од државите вклучени во процесот.

На состанокот се дискутираше за безбедносните закани во регионот, геополитика, како и тековните ризици по регионалната безбедност. На настанот присуствуваа и специјални гости од други земји, кои презентираа свои согледувања и анализи за безбедносните предизвици, дополнувајќи ја вредноста на дискусијата. Средбата е во поддршка на претседателскиот процес Брдо-Бриони а претседателите на државите – учеснички во овој процес ќе бидат информирани за заклучоците од дискусиите“, се навдува во соопштението.

Агенцијата за разузнавање воедно го искористи настанот за одржување и унапредување на регионалната соработка меѓу разузнавачко-безбедносните служби.