Иванов: Наместо доблест и чест, љубовта кон татковината станува грев

Македонскиот народ станува табу тема во Република Македонија. Пред неколку години имавме забранета книга. Годинава постоеше обид за забрана на филм што третира македонска тема. Многу содржини од учебниците по историја ќе бидат забранети. А сега се најавува дека ќе биде забрането изразувањето на етничката припадност на пописот на населението. Долго време инсистирам на попис на населението, но, која е целта на пописот без изразување на етничката припадност, праша претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов во денешното годишно обраќање во Собранието на Република Македонија.

„Со Охридскиот рамковен договор во нашиот Устав се вгради концептот на индивидуално користење на колективни права кои се стекнуваат врз основа на процентуална застапеност на етничките заедници. Јавно прашувам: дали со ваков попис се обезвреднува Охридскиот рамковен договор? Зарем ова не е поткопување на нашата мултиетничка демократија? Зарем се заборава дека без етничка графа нема Охридски рамковен договор?“, рече претседателот Иванов.

„Живееме во векот на човековите права и слободи. Сите идентитетски битки во светот се водат за формално-правно признавање на идентитетите. Сте се запрашале зошто речиси сите малцинства, независно дали се етнички, верски, јазични, родови, толку упорно инсистираат на правно признавање? Поради правното дејство. Точно е дека никој не може да ми го одземе личното право да се самоидентификувам како Македонец. Но, без правото на самоопределување, самоидентификацијата нема правно дејство. Во време кога немале сопствена држава, многумина од нашите предци себеси се идентификувале како Македонци, но формално-правно ним им наметнувале други, туѓи идентитети. А сега вие го лишувате македонскиот народ од формалното колективно право на идентитет и се задоволувате со неформалното индивидуално право на самоидентификација“, рече претседателот Иванов.

„Не можете да ја сакате Македонија а да не ги сакате Македонците. Не можете да ја сакате Македонија а да не го сакате Македонскиот народ. Зошто ние да бидеме единствената држава без државотворен народ на Балканот?“, порача пред пратениците.

„И како што со спогодбата од Преспа се негира македонскиот народ, а со слободното толкување на договорот со Бугарија се деконструира македонската историја, така со Тиранската платформа и противуставниот закон за употреба на јазиците се прави обид за демонтирање на македонската држава“, рече претседателот Иванов.

Иванов рече дека одлуките за помилување што ги донесе за да спречи хаос во државата, а одлуката за амнесија ја донел за да се озаконат уцените со кои се создава хаос и урива правната држава.

„Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување. Додека јас одлуките за помилувања ги донесов за да спречам хаос во државата, вие, одлуката за амнестија ја носите за да ги озаконите уцените со кои се создава хаосот и се руши правната држава. Моите помилувања не вклучуваа спречување на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот и подразбираше прочистување на македонската политичка сцена и промовирање на нови лица во политиката. Вашата амнестија е само уште еден преседан за уцена“, рече претседателот Иванов осврнувајќи се на неодамна донесениот Закон за амнестија, за кој рече дека го потпишал заради разоткривањето на вистинските цели и намери, а тоа е уцената.

Истакна дека уништувањето на државата се оправдува со обезбедување на иднина за државата.

„Од таканаречена заробена држава, потенцира, чувствувам дека станавме и уценета држава. Од надвор не уценуваат соседите, внатре се уценети многу носители на одлуки. Уцената стана основно средство за остварување на целите. Овој закон го потпишав не заради големото мнозинство со кое го изгласавте, ниту заради повеќето луѓе кои најверојатно ќе бидат опфатени со амнестијата. Ако вие Законот за амнестија го донесовте заради пратениците со цел да ви поминат уставните измени, јас го потпишав за да ги разоткријам вашите вистински цели и намери, дека оваа амнестија не е за помирување туку за уценување. Со вакво помирување не може да се помири македонскиот народ. Но, законот го потпишав и поради патриотите чија ненасилна љубов кон татковината очигледно била злоупотребена за други цели. Овој закон за амнестија нека биде сведоштво за двојни стандарди, бидејќи двојните стандарди се насилство против правдата. А без правда нема вистинско помирување, без правда нема мир“, рече претседателот Иванов.

Истакна дека уништувањето на државата се оправдува со обезбедување на иднина за државата.

„Од таканаречена заробена држава, потенцира, чувствувам дека станавме и уценета држава. Од надвор не уценуваат соседите, внатре се уценети многу носители на одлуки. Уцената стана основно средство за остварување на целит“, додаде.

Порача дека се додека простувањето и помирувањето се само средство за постигнување на некоја друга цел, вие само го девалвирате и простувањето и помирувањето.

„Национално помирување ќе настапи тогаш кога сите ние, независно од етничката, верската, политичката или која било друга припадност ќе побараме прошка од оние на кои сме им згрешиле и ќе им простиме на оние кои ни згрешиле. А прошката треба да оди рака под рака со одговорноста“, рече претседателот Иванов во годишното обраќање во Собранието на Република Македонија