Иванов ќе донесе наредба за ангажирање на АРМ на кризните гранични линии

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе донесе наредба за ангажирање на АРМ на јужната и северната гранична линија и долж Коридорот 10, во најкраток можен рок, согласно предвидените процедури во Законот за управување со кризи и по прогласувањето на кризен регион.

Наредбата следи по посетата на јужната гранична линија

Како што соопшти претседателскиот кабинет, споменатата наредба за ангажирање на АРМ на јужната и северната гранична линија на претседателот Иванов следува по неговата посета на јужната гранична линија на Република Македонија во јули, кога тој најави ангажирање на војската како помош на полицијата во справувањето со мигрантскиот бран и откако Владата прогласи кризна состојба на јужната и на северната граница.

АРМ ќе и помага на полицијата
АРМ ќе и помага на полицијата

Неопходно ќе биде на полицијата да ѝ се излезе во пресрет, бидејќи има потреба од дополнителни ангажмани, со оглед дека во овој дел станува збор за околу 50 километри гранична линија каде што претежно бегалците доаѓаат од Грција во Македонија. Јас како претседател и Владата мора да преземеме активности за ангажирање на армијата да ѝ помогне на полицијата во справување со овие предизвици. Армијата ќе биде ангажирана да го обезбеди овој дел од границата што го споменав од околу 50 километри на јужниот дел, но и да се обезбеди северниот дел кај „Табановце“. Исто така, треба да ѝ се помогне на полицијата во обезбедување на Коридорот 10 преку кој транзитираат сите бегалци, изјави претседателот Иванов кон средината на јули, за време на неговата посета на јужната гранична линија.

Иванов во рамки на неговата посета на јужната гранична линија на Република Македонија посочи дека кога станува збор за националната безбедност, Македонија како држава мора да ги преземеме сите мерки и активности кои би превенирале несакани дејствија.

Владата прогласи кризна состојба на јужната и северната граница

Владата донесе одлука за прогласување кризна состојба во регионот на нашата јужна и северна граница со што согласно правните прописи се отвара можност за соодветен ангажман и на армијата.

Владата прогласи кризна состојба на јужната и северната граница
Владата прогласи кризна состојба на јужната и северната граница

Како што информиравме во повеќе наврати, меѓуинституционалното координативно тело секојдневно ја следи состојбата со илегалните мигранти кои имаат намера да влезат на наша територија од соседна Грција и изготвува соодветни анализи за одговор при сите евентуални сценарија.

Заради зголемениот притисок на јужната граница и се поголемиот интензитет на транзит преку таканаречениот балкански мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки, беше проценето дека е неопходна дополнителна, зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде се регистриранимасовни илегални преминувања од грчка страна, соопши Министерството за внатрешни работи.