Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет и нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на името, порача претседателот и кандидат за истата функција, Ѓорѓе Иванов на вечерашниот митинг во Битола.
„Водев надворешна политика заснована врз принципи. Отвореност, дијалог и соработка. Најголем дел од времето посветивме на прашањето за разликата околу името. Имам јасен став, за кој знам дека имам поддршка од граѓаните. Не прифатив и нема да прифатам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Нема да прифатам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.Македонските граѓани сами ќе одлучуваат за своите клучни национални прашања. Македонија е добар сосед. Битола е најдобриот пример за тоа. Понекогаш меѓу соседите се појавуваат разлики, кои се надминуваат единствено преку дијалог и почитување. Моето барање до сите е разликите да не претставуваат пречка за соработката. Затоа што вие, граѓаните, имате потреба за соработка. Меѓусебното разбирање ќе ни помогне побрзо да ги надминуваме предизвиците“, истакна тој пред битолчани.