Иванов: Нова стратегија за одбрана за градење институции за соочување со заканите

Новата Стратегија за одбрана ќе пропише обврски за градење на институциите за соочување со заканите. Одговорот на институциите мора да биде единствен и координиран. Одговорот мора да биде навремен и превентивен, ова го истакна претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов на централната свеченост што по повод 18 Август – Денот на АРМ, пренесе МИА.

18 Август - Денот на АРМ
18 Август – Денот на АРМ

На свеченоста којашто се одржа пред зградата на Министерството за одбрана Иванов потсети дека како претседател и врховен командант во март 2010 година ја донесе досегашната стратегија за одбрана на Република Македонија, основен документ кој имаше важност од пет години. Во меѓувреме, како што рече, безбедносното опкружување се промени и затоа иницира нова стратегија од областа на безбедноста и одбраната.

 Македонија е подготвена за членство во НАТО

Претседателот Иванов рече дека Армијата е само дел од институционалните капацитети на националната моќ на државите која треба да се соочи и одговори на заканите.  Тој обраќајќи се пред присутните, уште еднаш потсети дека иако одамна Македонија  ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, предолго чека за да го заземе местото кое и припаѓа.

 Македонија е подготвена за членство во НАТО. Дали НАТО е подготвено за членството на Македонија останува да се види на Самитот во Варшава, рече Иванов, укажувајќи на фактот дека меѓународното право беше прекршено на Самит.

Иванов во говорот го повика нашиот јужен сосед да се усогласи со пресудата на меѓународниот суд на правдата.

Ги повикувам нашите партнери да ја потврдат нивната поврзаност кон меѓународното право и одговори. Но, исто така, да го одбранат колективниот интерес на Алијансата и интересот на нашиот регион за поголема безбедност и стабилност. Македонија треба што поскоро да го добие заслуженото членство во НАТО. До тогаш, мора да бидеме подготвени, истакна претседателот Иванов.

АРМ стана синоним за дисциплина, одговорност и патриотизам

Претседателот Иванов посочи дека примарна мисија на Армијата е одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет, унитарниот карактер на државата и заштита на населението од надворешни закани.

18 Август - Денот на АРМ
18 Август – Денот на АРМ

Армијата на Република Македонија стана синоним за дисциплина, одговорност и патриотизам. Дисциплината на нашата професионална армија се гради кај секој војник, кај секој старешина. Се гради со карактерот и интегритетот, со храброста и честа, со почитувањето и со чувството на должност, рече Иванов.

Дисциплината, како што нагласи, се проверува тогаш кога најмалку очекуваме.  Тој изрази убедување дека Армијата мора да има проектиран зголемен буџет и треба постојано да се надградува и модернизира.

Претседателот меѓу другото му се заблагодари на досегашниот началник на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Горанчо Котевски за неговиот ангажман со кој, како што рече, целосно ја оправда дадената доверба.

Јолевски: Продолжуваме со реформите и со меѓународните мировни мисии

Продолжуваме со реформите и со контрибуциите во меѓународните мировни мисии, а тоа го правиме бидејќи со овие реформи обезбедуваме натамошно јакнење на Армијата. Наша клучна задача во претстојниот период ќе ни биде опремувањето и модернизацијата, истакна министерот за одбрана на Република Македонија Зоран Јолевски.

18 Август - Денот на АРМ
18 Август – Денот на АРМ

Министерот Јолевски се осврна и на процесот на едукација и образование кој е високо на листата на приоритети, при што укажа на тоа дека припадниците на АРМ оваа година ќе учествуваат на 11 вежби на НАТО. Воената академија, додаде министерот, ќе се трансформира во Универзитет за национална одбрана, а во план е да се отвори и Катедра за воено воздухопловство која ќе работи заедно со Центарот за обука на пилоти во Министерството за одбрана.

Во свеченото обраќање министерот Јолевски информираше дека процесот за прием на 160 професионални војници е пред самиот крај, додека оваа година се планира примање на дополнителни 90.

Овие војници поминаа низ ригорозен процес на селекција, што гарантира прием на најквалитетните и најдобро спремните кандидати, физички и интелектуално, рече министерот.

Министерот воедно ја реафирмираше стратегиската цел на Република Македонија – полноправно членство во НАТО алијансата, за што, рече ќе продолжиме да ги вложуваме сите напори и активно да учествуваме на реномирани форуми и Самити.

Нова командна структура на АРМ

На денешната свеченост, Армијата на Република Македонија доби нова командна структура – на местото началник на Генералштабот поставен е генерал-потполковник Методија Величковски, додека за негов заменик генерал-мајор Мухамет Рацај.

18 Август - Денот на АРМ
18 Август – Денот на АРМ

Котевски продолжува да биде советник за воени прашања на претседателот. За нов началник е назначен Методија Величковски.

Инаку, денес Армијата на Република Македонија одбележува 23 години од основањето, на свеченоста присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски, министри, претставници од дипломатскиот кор…