
Мора да се води грижа за младите, порача денеска претседателскиот кандидат од ВМРо-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, на митингот во Неготино.
„Покажав дека мора да се води грижа за младите. На младите да им дадеме можност, сето знаење и умеење што го имаат, да го користат во интерес на Македонија. Затоа ја фомиравме и „Школа за млади лидери“. Затоа што на Македонија и требаат водачи, луѓе кои што знаат да создаваат тимови, луѓе кои што знаат да решаваат проблеми. Ние сме сега тука затоа што ја имаме вашата доверба, но треба да обезбедиме и тие што ќе дојдат после нас, да знаат како да се справуваат со сите предизвици што ги имаме како држава“, рече Иванов.
Воведовме и многу други новини, рече тој, како што е признанието „Најдобар млад научник“.
„Преку овој натпревар видовме колку млади научници имаме во Македонија. Понатаму, воведовме и многу промоции за младите и спортот. Ја воведовме иницијативата, преку спортот младите да учат да се почитуваат меѓусебе, да го почитуваат противникот и да го учат бон-тонот. Во Македонија има различни етнички групи и религиозни групи. Но кога создаваме тим, мора да знаеме како да дојдеме до победа. Истоврмено и да го почитуваме противникот. Да ги почитуваме правилата на игра. Кога ќе го научиме тоа во животот, ќе знаеме како да ги почитуваме и другите. Затоа е важно и младите да ги воведеме во тоа“, потенцираше Иванов.
Многу внимание, како што рече тој, беше посветено и на студентите.
„Со сите најдобри студенти, од сите државни универзитети, остварив средба. Со цел да ги пренесат нивните ставови, со што се соочуваат при нивното студирање и како тие ја гледаат својата иднина. Како можат да придонесат за Македонија. И не само студентите. Вратите на мојот Кабинет беа постојано отворени за граѓаните, за нови идеи и нови иницијативи. Во изминативе пет години во мојот Кабинет сум примил над пет илјади граѓани од Македонија“, рече Иванов.