Програмата со која излегол пред вас во 2009 година е исполента, истакна претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ, Ѓорге Иванов на митингот што вечерва се одржа во Прилеп.
Иванов во говорот нагласи дека неговата плодна соработка со Владата вродила со повеќе конкретни резултати меѓу кои визната либерализација, позитивни извештаи, препорачи за почеток на преговори со Европската Унија, но и влез на Македонија во плановите за гасоводот „Јужен тек“.
„Гасификацијата на Република Македонија е капитален проект што е веќе во тек. Втората делница од приоритетниот магистрален правец од Неготино ќе минува низ Прилеп, па до Битола во должина од 91 км. Гасификацијата на Македонија и на Прилеп ќе значи поевтина енергија, пониски цени на македонските производи, повеќе можности за развој на македонската економија и производство. Домаќинствата ќе заштедат на енергија. Прилеп ќе има уште поголем економски раст“, рече Иванов додавајќи дека денес повторно ја бара довербата на граѓаните „со чист образ“.
Иванов истакна дека тој и Владата ќе продолжат со реформите и со политиката на отвореност, дијалог и соработка кон надвор.
„Европа ја градиме во Македонија со секоја нова реформа, нов закон, со секое ново работно место. На ниво на Македонија се отворени 120.000 нови работни места. До крајот на годината ќе се создадат услови за уште 10.000 нови работни места. Напорно работиме да продолжиме со овој тренд за граѓаните да можат да работат и да заработуваат пристојна плата. Нови можности за младите да работат, да формираат семејства, и да ја планираат иднината на своите деца. Веќе е изградена технолошко-индустриската развојна зона Прилеп за која ќе привлекуваме нови странски инвестиции, за да се отворат нови работни места за прилепчани“, рече претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ.
Иванов ги потенцираше и инвестиции во земјоделство, но и во инфраструктурата како обновата на патиштата, изградбата на градинки, амбуланти, болници.