
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за време на посетата на Италијанската Република, синоќа во Рим, оствари работна вечера со членови на Италијанско-Македонската стопанска комора, која што работи на развојот на економската соработка меѓу двете земји.

Како што информираат од Кабинетот на претседателот Иванов, во рамки на средбата бизнисмените го информираа претседателот Иванов за нивните активности во насока на унапредување на економската соработка и трговската размена со Република Македонија, притоа истакнувајќи дека нашата држава за нив претставува привлечна дестинација за проширување на нивните бизниси и капацитети.

Претседателот Иванов истакна дека Италија претставува значаен трговски партнер на Македонија, и во континуитет е меѓу првите 10 земји-трговски партнери на нашата држава, изразувајќи очекување дека во наредниот период ќе се зголеми бројот на италијанските инвестиции во Република Македонија, се вели во соопштението.
Италијанско-Македонската стопанска комора е формирана во 2015-та година со цел продлабочување на севкупните односи меѓу двете држави, со акцент на стопанската и економската соработка.