Претседателот Иванов денеска оствари средба со граѓаните на населбите Бутел и Радишани, а исто така се сретна и со здружението на пензионери. Тој нагласи дека и во иднина во фокусот на неговата агенда ќе биде економскиот развој на Република Македонија, со цел подобар живот на населението и создавање подобра иднина за младите луѓе во Македонија.
Жителите на општина Бутел ја поздравија изградбата на спортски терени, фудбалски игралишта и паркови на територијата на општината, како и изградбата на новото основно училиште „Живко Брајковски“ во населбата Бутел 1.
На средбата со претседателот Иванов, пензионерите од општина Бутел, ги поздравија мерките кои ги презема Владата, како што е континуираното покачување на пензиите, и други поволности во однос на користење на јавен автобуски превоз, бесплатна бањско-климатска рекреација.
Претседателот Иванов посочи дека грижата кон старите лица е обврска на сите и на државата и дека ќе се придонесе за унапредување на положбата на пензионерите.
За време на посетата на општина Бутел, претседателот Иванов беше придружуван од г-ѓа Гордана Јанкуловска, актуелен министер за внатрешни работи и носител на изборната единица 2 од ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори.